На денешен ден, ТТК Банка АД Скопје се стекна со сертификатот „Фер финансиски услуги за потрошувачите“ што го доделува Организацијата на потрошувачите на Македонија на доброволна основа.
Доделувањето на сертификатот претставува потврда дека ТТК Банка АД Скопје е ориентирана кон почитување на правата на потрошувачите и дека посветено се грижи за задоволството на потрошувачите во сите области на дејствувањето.
Сертификатот „Фер финансиски услуги за потрошувачите“ се доделува заради исполнетоста на критериумите во шест одделни области коишто се битни за потрошувачите, а се однесуваат на: обезбедување точни, недвосмислени, разбирливи и навремени информации, примена на чесни пазарни практики, овозможена комуникација и пристап кон банката за различни категории лица, воспоставен систем за одговорно управување со поплаки од потрошувачите, како и едукација на потрошувачите и развој на финансиската писменост.
„Горди сме што моделот на фер и транспарентно работење на ТТК Банка е препознаен од страна на Организацијата на потрошувачите. Овој сертификат е потврда за висококвалитетните и професионални односи што ТТК Банка ги гради со своите клиенти. ТТК Банка веќе 15 години применува развиен, силен и одржлив модел на успешно деловно работење со фокус кон клиентите. Нашиот слоган „Кога сакаш повеќе“ ја открива нашата посветеност за создавање широко достапна понуда на производи и услуги прилагодена на современите потреби и брзиот начин на живот. Ова признание особено нѐ радува, а истовремено ќе претставува поттик за одржување на високите стандарди за ефикасна поддршка и креирање позитивно искуство кај нашите клиенти. Очекуваме успешна соработка со Организацијата на потрошувачите во подигнување на финансиската писменост.“ - изјави претседателот на Управниот одбор на ТТК Банка АД Скопје, д-р Драгољуб Арсовски.
