•  
ФИЗИЧКИ ЛИЦАПРАВНИ ЛИЦАЗА БАНКАТА

Историја

Создавањето и развојот на ТТК Банка АД Скопје произлегува и се надоврзува на постоењето на најстарите банки во македонската банкарска историја. ТТК Банка АД Скопје е сведоштво за развојот на банкарскиот систем, особено во тетовскиот регион, во кој, според документите, банкарството почнува да се развива уште во 1930 година со формирањето на тогашната Тетовска Кредитна Банка АД, како една од најстарите банки во македонската банкарска историја до денес.

Тетекс – Кредитна Банка АД Скопје како правен претходник на ТТК Банка АД Скопје, е основана во 2001 година, како резултат на спојувањето на Тетекс Банка АД Скопје (основана во декември 1993 година) со Кредитна Банка АД Битола (основана во јуни 1993 година). Идејата за формирање на Тетекс Банка АД Скопје во Република Македонија веднаш по нејзиното осамостојување потекна од АД „Тетекс“ од Тетово од тогашниот претседател на Надзорниот одбор на ТТК Банка АД Скопје г. Глигорие Гоговски.

Другиот правен претходник на ТТК Банка АД Скопје, Тетовска Банка АД Тетово е основана во 1995 година како една од петте филијали коишто ги исполнуваат условите за самостојно банкарско работење и се издвојуваат како самостојни банки во рамките на процесот на реконструирањето на Стопанска Банка АД Скопје. Почетоците датираат уште од 1961 година кога е формирана Комунална Банка од Тетово којашто, пак, во 1962 година се трансформира во Комерцијална Банка Тетово. Во 1973 година Комерцијална Банка Тетово се спојува и работи во рамките на Стопанска Банка АД Скопје сè до независното издвојување како самостојна банка во 1995 година.

ТТК Банка АД Скопје како универзална комерцијална банка е формирана на 1 јули 2006 година како резултат на спојувањето на Тетекс – Кредитна банка АД Скопје и Тетовска банка АД Тетово со доминантна сопственост на Тетекс АД Тетово и Европската банка за обнова и развој како сопственик на 25 % од капиталот на Банката. Во текот на 2013 и 2014 година Европската банка за обнова и развој постепено го намалуваше нејзиното учество и од 16.11.2015 година таа повеќе нема свое учество во акционерскиот капитал на Банката.

Денес, ТТК БАНКА АД Скопје е успешна банка со стабилен позитивен раст во нејзиното функционирање, делува како универзална банка којашто успешно ги реализира сите банкарски активности, и тоа: кредитно и документарно работење со физички и правни лица, денарско и девизно штедење, платежни картички, тековни сметки, платен промет во земјата, платен промет со странство, тргување со хартии од вредност, издавање платежни и кредитни картички, менувачки работи, брз трансфер на пари MoneyGram, Интернет банкарство (ТТК E-bank), Мобилна апликација (ТТК М-bank), електронски услуги и сервиси, како и други банкарски активности.

Во согласност со потребите на клиентите и современите трендови на банкарскиот пазар, Банката континуирано ја развива понудата на производи и услуги со атрактивни, конкурентни и поволни услови. Преку дигиталните платформи на ТТК E-bank и ТТК М-bank, по највисоки стандарди, нуди безбедни и квалитетни банкарски услуги приближно на ист начин на кој овие услуги се достапни и во најразвиените земји. Дигитализацијата е процес што Банката го користи со цел унапредување на деловните процеси и зголемување на ефикасноста во работењето.

Во 2020 година Банката успешно реализираше втора емисија долгорочни должнички хартии од вредност – корпоративни обврзници како долгорочен и стабилен извор на средства, а со цел да ја зајакне капиталната сила и финансискиот капацитет. Тоа допринесе и за поттикнување на развојот на домашниот пазар на капитал и секундарниот пазар на должничките хартии од вредност.

Во 2020 година, ТТК Банка АД Скопје се лиценцираше за извршување нова финансиска активност-посредување во осигурување. Во услови на зголемена свесност за корисноста од осигурителните производи Банката понуди дополнителна вредност за нејзините корисници преку збогатување на понудата на кредитни производи со полиси за животно осигурување и поповолни кредитни услови.

Во 2021 година Банката воведе нов картичен бренд Mastercard® со бесконтактна технологија што допринесе за креирање конкурентна понуда на картични производи нудејќи им на корисниците поголем избор за брз, едноставен и, што е најважно, безбеден начин на плаќање.

Во 2021 година Банката се стекна со сертификатот „Фер финансиски услуги за потрошувачите“ што го доделува Организацијата на потрошувачите на Македонија. Сертификатот „Фер финансиски услуги за потрошувачите“ се доделува заради исполнетоста на критериумите во шест одделни области коишто се битни за потрошувачите, а се однесуваат на: обезбедување точни, недвосмислени, разбирливи и навремени информации, примена на чесни пазарни практики, овозможена комуникација и пристап кон банката за различни категории лица, воспоставен систем за одговорно управување со поплаки од потрошувачите, како и едукација на потрошувачите и развој на финансиската писменост.

Доделувањето на сертификатот претставува потврда дека ТТК Банка АД Скопје е ориентирана кон почитување на правата на потрошувачите и дека посветено се грижи за задоволството на потрошувачите во сите области на дејствувањето.

Банката располага со широко распространета мрежа на филијали и експозитури низ цела територија на Република Северна Македонија. Преку нејзината централа во Скопје и широката мрежа од 7 филијали, 23 експозитури, 1 шалтер на територијата на Република Северна Македонија, Банката ги извршува сите банкарски активности следејќи ги основните принципи на банкарското работење - стабилност, ликвидност, профитабилност и солвентност. Банката континуирано ја проширува својата мрежа на банкомати и во моментот има над 80 локации на банкомати ширум земјата, од кои на 5 локации овозможува услуги преку мултифункциски Cash-in банкомати.

Во изминатите години ТТК Банка АД Скопје континуирано и успешно имплементира стратегија за корпоративна и општествена одговорност. Преку транспарентни и етички активности, Банката ги поддржува и ги промовира вредностите коишто го претставуваат нејзиното работење: доверба, традиција, ентузијазам, искуство и знаење, тимски дух и професионализам. Искуството, посветеноста и отворената соработка со институциите и лицата од општеството придонесоа за развој на компанија којашто е општествено и корпоративно одговорна, давајќи поддршка на лица и институции за развој на нормално и здраво опкружување во кое секој поединец има еднакви права и можности. Активната поддршка што ТТК Банка АД Скопје ја дава на општеството е видлива преку различните активности во форма на спонзорство или донација од Банката за културата, спортот и образованието и здравството, за што Банката има добиено многу награди за корпоративна и општествена одговорност.

Стратегиската цел за општествена одговорност на ТТК Банка АД Скопје е да негува и инспирира општествено одговорно однесување преку градење проактивни и заемно корисни односи со пазарот, вработените, заедницата и животната околина, кои ќе ги надминуваат нивните очекувања и ќе резултираат со перцепција на Банката како високо свесна компанија.