ТТК Банка АД Скопје го одбележува својот јубилеј – петнаесет години успешно делување на македонскиот пазар.
ТТК Банка АД Скопје одбележува деценија и пол успешно деловно работење, во текот на којашто постигна значаен раст и развој како стабилна банка обезбедувајќи финансиска поддршка за голем број граѓани, компании и институции за остварување на нивните цели и потреби.
ТТК Банка АД Скопје како универзална, независна, пазарно-ориентирана приватна банка е формирана на 1 јули 2006 година со спојувањето на повеќедецениското искуство, традицијата и ентузијазмот на двете банки Тетекс – Кредитна банка АД Скопје и Тетовска банка АД Тетово, а во доминантна македонска сопственост на акционерот, Тетекс АД Тетово. Почетоците на историјата на ТТК Банка АД Скопје датираат уште од 1961 година и кореспондираат со развојот на банкарството во тетовскиот регион, преку основањето и развојот на банките-претходнички на ТТК Банка, засновани на идејата за остварување финансиска независност како основа за просперитет.
Создадена како банка со голем потенцијал, во текот на годините го зацврстува своето место на пазарот применувајќи ги основните принципи на банкарското работење - стабилност, ликвидност, профитабилност и солвентност.
Во претходната деценија и пол, ТТК Банка постигна здрав и одржлив раст, проследен со фокус на квалитетот на активата, управување со ризикот и контрола на трошоците. Во услови на силна конкуренција во банкарскиот сектор во земјата, со доминантно присуство на странски капитал, ТТК Банка бележи значителни резултати во сите аспекти на деловното работење.
Следејќи ги современите трендови на банкарскиот пазар Банката континуирано имплементира производи и услуги со атрактивни, конкурентни и поволни услови.
„Денес ја одбележуваме 15-годишнината на ТТК Банка АД Скопје чиишто историски почетоци и трансформации се резултат на активноста на нејзиниот доминантен денешен сопственик Комбинатот „Тетекс“ АД Тетово.
Визионерството во водењето на тековната и развојната економска стратегија на Комбинатот „Тетекс“ беше основниот двигател во сите процеси од основањето на Тетекс Банка АД Скопје, и подоцна, и спојувањето прво со Кредитна Банка АД Битола, во Тетекс - Кредитна банка АД Скопје, а потоа и со Тетовска Банка АД Тетово во денешна ТТК Банка АД Скопје. Денес тоа визионерство е активен учесник во креирањето на стратешките цели на денешната ТТК Банка АД Скопје, и во овие сложени услови на работење и функционирање.
Со спојувањето на банките-претходници во 2006 година, нашата амбиција беше да ги обликуваме децениското егзистирање, традицијата и искуството во нов модерен начин на банкарство кој ќе креира вредност и поддршка за граѓаните и домашните мали и средни бизниси. Со задоволство можам да кажам дека нашите напори вродија со плод. Сеопфатната трансформација значеше пресврт во бизнисот, реорганизација и зголемување на ефикасноста, модернизација на производите и услугите, подобрување на квалитетот на портфолиото, зајакнување на човечките ресурси, оптимизација на трошоците, генерирање раст на базата на клиенти, успешно и профитабилно работење.
TTK Банка денес се движи на вистинскиот пат и успешно ги реализира своите стратешки цели. Од 2006 година, активата на Банката порасна приближно 2,5 пати, на износ од 8,8 милијарди денари. Вкупните кредити се зголемени за 2,3 пати, на износ од 5,4 милијарди денари, додека вкупните депозити се зголемиле за 3 пати, на износ од 7,2 милијарди денари. ТТК Банка спаѓа во групата мали банки со удел на пазарот што во моментот се движи околу 1,5% и е една од ретките банки во Македонија со сѐ уште доминантен домашен капитал’’ – изјави претседателот на Надзорниот одбор на ТТК Банка АД Скопје, м-р Глигорие Гоговски.
Со околу двесте и педесет вработени, со широко распространета деловна мрежа на вкупно 29 локации, од кои 8 во Скопје, а останатите 21 надвор од главниот град, денес ТТК Банка претставува значителна поддршка за клиентите, чиј број актуелно достигнува 110.000.
„Банката, со својата стабилна пазарна позиција и потврден капацитет, континуирано остварува позитивни резултати, кои од година во година се со зајакнат квалитет. Тоа го одразува фактот дека поддржуваме сѐ повеќе граѓани и бизниси кои веруваат во квалитетот на нашите услуги. Со отворен и одговорен пристап градиме фер однос и обезбедуваме брза услуга и атрактивни производи. Во изминатиот период ТТК Банка изгради широка и функционална деловна мрежа, имплементираше нови технологии и широк опсег производи и услуги преку дигиталните канали.
Добрите финансиски резултати што ги постигнуваме, ни овозможуваат да инвестираме во развој и да ги зајакнеме основите на Банката за следните децении. Ние продолжуваме да иновираме и идниот развој особено го гледаме во чекор со потребите на модерниот бизнис и идните генерации. Горд сум на вредноста на тимот со кој работам и со кој остануваме посветени на нашата долгорочна цел - успех, задоволство и просперитет на нашите клиенти, вработените и заедницата.’’- изјави претседателот на Управниот одбор на ТТК Банка АД Скопје, д-р Драгољуб Арсовски.
Од своите почетоци ТТК Банка успешно имплементира стратегија за корпоративна и општествена одговорност преку поддршка на пошироката заедница промовирајќи ги вредностите на своето работење: доверба, традиција, искуство и знаење, тимски дух и професионализам.
Во наредниот период, ТТК Банка ќе делува во согласност со своите стратешки цели и ќе се стреми да биде пример за најдобра банкарска практика.
Синергијата на традиција, искуство и иновација и понатаму ќе претставува основа за одржливост и профитабилност на моделот на деловното работење што ќе продолжи да создава вредност за клиентите, вработените, акционерите и заедницата.
Банката изразува голема благодарност до своите клиенти, деловни партнери и акционери, кои со својата доверба посветеност и професионалност во работењето придонесуваат за успехот на ТТК Банка низ годините.