•  
ФИЗИЧКИ ЛИЦАПРАВНИ ЛИЦАЗА БАНКАТА

Ексклузивната соработка на Триглав Осигурување Живот и ТТК Банка продолжена со нов договор за стратешко партнерство

Триглав Осигурување Живот АД Скопје и ТТК Банка АД Скопје, на заемно задоволство, ја продолжија заедничката ексклузивна соработка за банкоосигурување со потпишување нов договор за стратешко партнерство.

Благодарение на стратешката соработка што двете компании партнерски ја градат и негуваат од 2019 година, граѓаните имаат можност да добијат кредит со вклучена полиса за осигурување на живот, која обезбедува финансиска сигурност за семејството на кредитобарателот при немил настан. А, како дополнителна придобивка добиваат значително поповолни услови за кредитирање, достапни во која било од 30-те експозитури и филијали на ТТК Банка АД Скопје.

Новиот договор за соработка претставува зацврстување на стратешкото партнерство меѓу ТТК Банка АД Скопје и Триглав Осигурување Живот АД Скопје, како и збогатување на портфолиото финансиски производи на ТТК Банка АД Скопје, којашто ќе им понуди на своите клиенти низа придобивки кои, пред сѐ, обезбедуваат дополнителна финансиска заштита.

Развојот на банкоoсигурувањето претставува стратешка определба за Триглав Осигурување Живот АД Скопје.

„Ни претставува вистинско задоволство што ја продолжуваме успешната и силна соработка со ТТК Банка АД Скопје, соработка што активно ја градевме и ја развиваме како партнери во изминатите 5 години. Соработката со ТТК Банка АД Скопје за нас е од големо значење, а особено бидејќи тоа е Банката што прва ни ја даде својата доверба за партнер во доменот на банкоосигурувањето. Преку развој на иновативни производи и заеднички проекти, ќе продолжиме да ја негуваме соработката и да им нудиме на клиентите финансиски производи што ќе им донесат максимално корисничко задоволство и погодности“, изјави Христина Џамбазовска Анастасов, Генерален директор на Триглав Осигурување Живот АД Скопје.

„Нашето партнерство со Триглав Осигурување Живот АД Скопје обезбедува значајни придобивки за клиентите преку иновативни решенија што ги комбинираат кредитите со полиси за осигурување на живот. Со тоа, нудиме повеќе од финансиски производи –  нудиме сигурност, заштита и поволни услови за сите наши клиенти. Новиот договор е потврда за нашата заедничка визија за унапредување на финансиската стабилност на клиентите и поддршка на најважните животни одлуки. Ќе продолжиме партнерски да создаваме додадена вредност за корисниците и да поставуваме нови стандарди во банкарските и осигурителните услуги, секогаш ставајќи ги клиентите на прво место“, изјави проф. д-р Драгољуб Арсовски, претседател на Управниот одбор на ТТК Банка АД Скопје.

ТТК Банка АД Скопје се издвојува како доверлив партнер на корисниците на кредитни производи коишто вклучуваат животно осигурување, а кои Банката ги нуди со атрактивни фиксни каматни стапки од 5,3 % за целиот период на отплата од 10 години за СМАРТ ненаменски потрошувачки кредит, како и 3,7 % фиксна каматна стапка во првите 10 години за СУПЕР станбен кредит, односно 4,0 % фиксна каматна стапка во првите 3 години за хипотекарен кредит.

Во изминатите години Триглав Осигурување Живот АД Скопје изгради успешна соработки со дури 5 банки во земјата кои имаат лиценца за застапување во осигурување издадена од Агенцијата за застапување во осигурување. Со ова, се издвои на пазарот како осигурителна компанија – лидер во банкоосигурувањето, односно како компанија со најголем број банки соработници и доминантно учество од 45 % во вкупната бруто-полисирана премија за осигурување на живот преку банко канал за продажба.

ТТК Банка АД Скопје, со својата широка мрежа од 30 експозитури и над 80 банкомати ширум земјата, е препознатлива како доверлив партнер на граѓаните и деловните субјекти во обезбедување квалитетни финансиски услуги. Преку иновативни производи што ги исполнуваат потребите на клиентите, Банката ја зацврстува својата позиција во банкоосигурувањето, придонесувајќи за поголема достапност на осигурителните производи и на финансиската заштита. И во иднина, ТТК Банка АД Скопје ќе се фокусира на развојот на експертизата во креирање производи коишто директно соодветствуваат на потребите на клиентите и можните ризици, сè со цел да им помогне на клиентите да инвестираат во сопствената иднина.