ТТК Банка една од основачите на „Бизнис лидерски форум“ 2010
Адинг АД Скопје, Гемак Трејд, Инет, КПМГ Македонија ДОО Скопје, Македонски Телеком АД – Скопје и ТТК Банка АД Скопје на 26-ти мај 2010 во Инфо-центарот на Европска Унија го засноваа Бизнис лидерскиот форум на Македонија.
Шесте претпријатија потпишаа Меморандум за разбирање со кој доброволно се согласуваат да интегрираат сет од социјални, етички и еколошки принципи за водење на бизнисот.

БИЗНИС ЛИДЕРСКИОТ ФОРУМ на МАКЕДОНИЈА е платформа која ги здружува малите, средните и големите претпријатија, во кои бизнисот се води на одговорен начин. Во рамките на Бизнис лидерскиот форум, претпријатијата-членки ќе добиваат целосна поддршка при процесите на планирање, спроведување, проценување и подобрување на активностите за општествено одговорно работење. Целта е да се поттикне одржлив раст на бизнисот што ќе го зголеми профитот на претпријатието, а истовремено ќе генерира и позитивни економски, социјални и еколошки ефекти за развој на општеството во целост.
Администратор на платформата е Центарот за институционален Развој. Секое претпријатие кое ќе се согласи да ги применува принципите на Бизнис лидерскиот форум може да стане негов член.
Бизнис лидерскиот форум е прва иницијатива за здружување на бизнис-секторот во насока на понатамошно унапредување на општествената одговорност на претпријатијата во Република Македонија. Како иницијатива, постои во над 90 земји во светот и за прв пат е промовирана од страна на НКВ Принцот Чарлс во 1990 година и група бизнис-лидери. Македонија е една од ретките земји каде што досега не постоеше платформа за соработка меѓу бизнис-секторот со цел постигнување симбиоза помеѓу профитабилноста и одговорноста на компаниите кон сите актери што се засегнати од нивното дејствување: вработени, клиенти, добавувачи, акционери и други партнери, но и животната средина и општеството/заедницата во целост.
Неговата Екселенција Ерван Фуере, специјален претставник на ЕУ и шеф на Делегацијата на Европската Унија, беше домаќин на Церемонијата за инаугурација на Бизнис лидерскиот форум.
|