ТТК Банка добитник на наградата „Различни, а еднакви“ 2010
На 7-ми декември во Универзалната сала во Скопје се одржа традиционалната манифестација „Различни, а еднакви“ во организација на агенцијата „Детла Ексклузив“. За време на манифестацијата, беа доделени награди на сите оние личности, организации и компании кои со својот придонес овозможиле полесен живот на граѓаните со посебни потреби.
За својот придонес во вложувањето во заедницата и поддршка на институции, организации и поединци, ТТК Банка ја прими наградата „Различни, а еднакви“. Наградата ја прими г-дин Драгољуб Арсовски, претседател на Управниот одбор на ТТК Банка. „ТТК Банка е средна банка, но има големо срце! Вработените во ТТК Банка сметаат дека треба да се помага во секој момент и што е можно повеќе. Ние не можеме да ја промениме иднината, но можеме да ги промениме навиките кои ја менуваат иднината”, изјави г-дин Арсовски.
Во рамките на својата посветеност на поддршка на лицата на кои им е најпотребна, ТТК Банка реализира програма за донации која се состоеше од повеќе фази и која опфаќаше проекти за поддршка на активности и настани кои имаат за цел да ги поттикнат правилниот развој на децата, здравиот начин на живот, образование на најмладите, полесна социјализација на лицата со посебни потреби, како и поддршка на организациите и институциите кои придонесуваат за нормално функционирање и правилен развој на лицата со посебни потреби.

„Различни, а еднакви“ претставува манифестација посветена на малите, а ГОЛЕМИ луѓе. Како што изјави г-дин Игор Џамбазов: „И тие знаат да бидат ученици достојни за пример, и тие знаат силно да се борат, за боите на нашата земја, на светските натпревари, да направат подвизи за кои многумина немаат храброст да ги остварат. И тие можат да придонесуваат и да бидат корисни за општеството“.
ТТК Банка ќе продолжи и во иднина да им пружа надеж на оние на кои им е најмногу потребна, еднакви можност на лицата кои се различни, а еднакви, љубов и грижа на најмладите со цел успешно да се вклопат во заедницата во која сите треба да имаат исти права. |