ООП треба да биде дел од стратегијата на компаниите - презентација на ТТК Банка за општествена одговорност
На 10. октомври 2011 година, караванот за презентација на општествената одговорност на претпријатијата беше во Тетово.
На почетокот, на присутните им се обрати Глигор Михаиловски од МРФП, кој зборуваше за тоа што е општествена одговорност, зошто е важно претпријатијата да бидат општествено одговорни, кои се придобивките за нив и кои компании биле наградени поради нивните општествено одговорни практики.
На присутните им се обрати и Марија Богоевска од ТТК Банка, која ги презентираше општествено одговорните практики на нивната компанија. „Средна банка со големо срце, тоа е нашата банка“, рече Богоевска. Таа истакна дека определбата на ТТК е грижа и хуманост за оние кои имаат потреба со цел развој на здраво и нормално општество.

Маријана Лончар-Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачите на Македонија, овој пат во улога на член на Координативното тело за ООП ја истакна важноста на потрошувачите за целиот концепт на ООП. „Општествената одговорност започнува со грижата за заштита на средината, односно по штетите што ги предизвикаа компаниите кои се грижеа само за својот профит“.
Бети Попова од Министерството за економија зборуваше за активностите на Министерството за општествената одговорност. „Повеќето претпријатија ја сметаат ОО како надворешна обврска, а не како елемент кој е инкорпориран во самата стратегија за работа“. Таа се осврна на 2007 година кога Министерството решило да ја преземе лидерската улога во оваа област и иницирало формирање на КТООП.
Целта на настанот беше да се промовира општествената одговорност на претпријатијата во земјата, постојната регулатива, како и да се објасни нејзината примена во малите и во средните претпријатија.
Презентацијата е дел од проектот „Поддршка за реализација на Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија“, чиј носител е Министерството за економија на Република Македонија во партнерство со Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Сојузот на стопански комори на Македонија и Здружението Конект. |