македонски shqip english
 
Физички лица
Трансакциски сметки
Платен промет
Картички
Кредити
Ризико кредитно животно осигурување
Премиум СМАРТ пакет за приматели на плата/пензија преку Банката
Депозити
Кусур штедење
Онлајн штедење
Мобилно банкарство
Електронско банкарство
Електронски сервиси за информирање
Менувачко работење
Трезорско работење
Апликации физички лица
Правни лица
Сметки
Платен промет
Бизнис картички
Кредити
Депозити
Документарно работење
Електронско банкарство
Трезорско работење
Апликации правни лица
Работа со хартии од вредност
MoneyGram - меѓународен трансфер на пари

 

            ЧЛЕН НА

 

Соопштенија за јавност 2020

Интервју со Претседателот на Управниот одбор на ТТК Банка д-р Драгољуб Арсовски за „Фактор“: Кризата се ширеше побрзо и од вирусот, ТТК Банка одговори силно на предизвиците

 

 

 

„Сега, повеќе од кога било, банките им се потребни на  корисниците. Ликвидноста во банкарскиот сектор е на високо ниво и покрај одложените наплати на значаен дел од кредитите“, вели во ексклузивно интервју за „Фактор“ проф. д-р Драгољуб Арсовски, директорот на ТТК Банка. Интервјуто го правиме во време на сериозна здравствена криза со длабоки економски последици. Проф. д-р Арсовски е истакнат економист, факултетски професор и долгогодишен финансиски работник. Според него, колку подолго трае економското замрзнување, толку посериозни ќе бидат економските последици на кризата. Затоа, вели, дека треба да се искористат сите достапни мерки на фискалната и монетарната политика за да се зачува продуктивниот капацитет на економијата и пазарното функционирање.

 

Ставот на Арсовски е дека како катализатори на поддршката на државата и државните институции, банките брзо се прилагодиле на новото опкружување и ја презеле улогата на поттикнувачи на деловната активност и стабилност. Тврди дека и во следниот период банките ќе имаат клучна улога во заздравувањето. Ветува поддршка. Со фирмите да се на иста страна, но не очекува прелевање на сериозна криза и на банкарскиот секор. Банката со која раководи има исклучително позитивни финансиски резултати годинава. Арсовски вели дека ТТК банка подготвено го дочекала развојот на настаните. Делувала со примарен фокус безбедно и ефикасно да излезе пресрет на сите финансиски потреби на корисниците овозможувајќи континуирана и квалитетна банкарска услуга.

 

Беше една од малкуте кои одлучија да ја поделат добивката во дивиденда и покрај сугестиите на Народната банка, но е  една од ретките компании која издаде корпоративни обврзници што сега котираат на берза. ТТК банка повторно ќе им олесни на граѓаните и на фирмите и повторно ќе им го одложи враќањето на кредитните рати.

 

Во време сме кога се анализираат бројките од работата на компаниите во првото полугодие од годината. Оваа е значајно различна од претходните поради кризата којашто ја предизвика пандемијата од Ковид-19 што доста се одрази на сите економски показатели и во земјава. Кои се, според Вас, клучните економски ризици од продолжената криза во земјава?


Арсовски:
 На глобално ниво, пандемијата предизвика штети пред сè по човечкиот живот, а потоа штети кои доведоа до погодување на здравствените системи, парализирање на економската активност и нарушување на добросостојбата на луѓето. Во услови на крајна неизвесност за текот на пандемијата и влијанието врз економската активност, сè уште постои висок степен на несигурност во однос на брзината на закрепнувањето како на светската така и нашата економија. Низата донесени и нови економски, фискални, монетарни и супервизорски мерки насочени кон стабилизација на макроекономската и финансискa ситуација и поволните среднорочни макроекономски изгледи ќе помогнат да продолжи закрепнувањето и во иднина. Во согласност со проекциите на меѓународните институции, може да се очекува помало забавување на нашата економија од предвиденото. Светската Банка прогнозира пад на БДП за 2,1 отсто  во 2020 година и економско закрепнување за 3,9 отсто во 2021 година. Во овие специфични услови, јавните политики ќе треба да направат сè што можат за да ги насочат мерките кон брза поддршка на оние на кои им е најмногу потребна. Колку подолго трае економското замрзнување, толку посериозни ќе бидат економските последици на кризата. Резервите на капитал и на ликвидност во економијата ќе се намалуваат. Треба да се искористат сите достапни мерки на фискалната и монетарната политика со цел да се зачува продуктивниот капацитет на економијата и пазарното функционирање. Поддршката на политиките треба да биде навремена, прилагодена и транспарентна. Како што ќе излегуваме од кризата така мерките за борба со кризата ќе треба да се менуваат во мерки за ревитализирање на економијата, за стабилизирање на билансите како и за намалување на долгот акумулиран во текот на кризата.

 

ПОЗИТИВНИ БРОЈКИ И ВО КРИЗА

 

Во првите шест месеци од оваа година ТТК Банка оствари добивка од 30,5 милиони денари. Во истиот период Банката има и позитивен нето-оперативен приход. Како гледате на овие финансиски показатели и дали успеавте да амортизирате поголем дел од ударот на кризата?

 

Арсовски: Во тековната економска клима и предизвикувачките пазарни услови, ТТК Банка АД Скопје успеа да постигне забележителни резултати. Со тоа ТТК Банка повторно ја рефлектира одржливоста на нејзиниот деловен модел и успешното управување со сите деловни аспекти од работењето. Во периодот од почетокот на годината до крајот на јули, ТТК Банка го прилагоди своето работење на вонредните економски и пазарни услови поради пандемијата од вирусот COVID-19. ТТК Банка ги надмина планираните цели и планираната реализација утврдени во Деловната политика и во Финансискиот план за 2020 година. Финансискиот резултат за периодот јануари – јули 2020 година изнесува 42,2 милиони денари. Во споредба со Финансискиот план за 2020 година, кој е во согласност со првичните согледувања за последиците што ќе ги предизвика светската пандемија предизвикана од вирусот COVID-19, остварениот финансиски резултат за целиот износ е над планираното, во претходно изменетиот и кризно проектиран буџет за овој период од годината. Билансната сума на Банката на 30 јуни изнесува 8,372 милијарди денари и во однос на претходната година бележи зголемување од 2,2 отсто или во апсолутен износ од 176 милиони денари. Во овој период значителен е растот накредитирањето на домаќинствата од 7,7отсто што е полугодишен раст и 17,4 отсто годишно.

 

ТТК Банка и понатаму будно ги следи сите макроекономски параметри и интерни индикатори и го прилагодува своето работење на новонастанатите состојби и пазарните услови. ТТК Банка е фокусирана на одржување на ликвидноста и долгорочната стабилност. Иновирањето на понудата на производи и услуги во пресрет на потребите на корисниците, унапредување на внатрешната организација и ефикасноста како и развивање на политиките за управување со ризиците и понатаму е основа за успешното работење на ТТК Банка АД Скопје.

 

 

Какво е впрочем влијанието на економската криза на банкарскиот сектор, па и на ТТК Банка?

 

Арсовски: Нормално и неизбежно е и секторот на финансиските услуги да се судира со последици. Судејќи по досегашните турбуленции на светските пазари, би можело да се каже дека ефектите на финансиската индустрија се шират со подеднаква брзина како и вирусот. Понекогаш дури и побрзо. Најголемите светски финансиски институции претрпеа значајни загуби. Во такви околности, мерките на централните банки и владите, со донесувањето на мерките, спречија паника и се обидоа да обезбедат непречен проток на финансирање на финансискиот и реалниот сектор. Акцент беше ставен на субјектите чијашто деловна активност беше особено погодена од епидемиолошките мерки. Најсилните ефекти од пандемијата се почувствуваа во вториот квартал. Навремените и координирани мерки на Владата и Народната Банка, насочени кон стимулирање на кредитната активност и ликвидноста, спречија поголем пад на економската активност во почетната фаза на пандемијата. Овде најмногу мислам на намалувањето на каматната стапка на благајничките записи, мерките за намалување на регулаторните обврски, како и мерките за поддршка на стопанството и граѓаните во редовно измирување на кредитните обврски. Како катализатори на поддршката на државата и државните институции, банките брзо се прилагодија на новото опкружување и ја преземаа улогата на поттикнувачи на деловната активност и стабилност. Сега, повеќе од кога било, банките им се потребни на  корисниците. Ликвидноста на банките е на високо ниво и покрај одложените наплати на значаен дел од кредитите. Банкарскиот сектор овозможи олеснување на финансискиот товар врз граѓаните и компаниите истовремено продолжувајќи со кредитната поддршка и во текот на корона-кризата.

 

НИСКИ НЕФУНКЦИОНАЛНИ КРЕДИТИ

 

Засега банките се стабилни и регулаторот тврди дека се високо капитализирани. Сепак, има ли во иднина ризици од прелевање на кризата од стопанството и на банкарскиот сектор?

 

Арсовски: Неопходно е да се следи влијанието на заканата на пандемијата на трендовите на кредитирање и ликвидност. Банките се доволно капитализирани, ликвидни и профитабилни, а индикаторите со текот на времето се подобруваат. Финансискиот сектор може многу да помогне во ублажување на влијанието на пандемијата на реалната економија. Во продолжение на годината се очекува натамошно закрепнување на економијата, поддржано од донесените и најавените дополнителни мерки на Владата и Народната Банка. Целта е да се стимулира економскиот раст со поволни услови за финансирање на економијата и населението и да се зачува поволната среднорочна перспектива на земјата. Закрепнувањето се очекува да биде повеќе од целосно следната година, без да се загрози финансиската стабилност.

 

Очекувате ли влошување на квалитетот на кредитното портфолио од тој аспект? Можен ли е раст на нефункционалните кредити?

 

Арсовски: Банката ги презема сите неопходни активности за одржување на квалитетот на портфолиото, развој на понудата на производи и изнаоѓање флексибилни решенија приспособени на потребите на корисниците-правни и физички лица кои ќе бидат најзасегнати од COVID-19 кризата. Во врска со ова позитивно ќе влијаат и мерките за одложување на плаќањето на обврските за физичките и правните лица. Континуирано се преземаат активности за засилен мониторинг на работењето на корисниците со повисок кредитен ризик што резултира со подобрување на наплатата на редовните и побарувањата во доцнење. Банката одржува висок квалитет на кредитното портфолио преку градење стабилни и трајни односи со  корисниците, прудентно управување со кредитниот ризик, како и ефикасна организирана функција на наплата. Ниската стапка на ненаплатливи кредити е резултат на ефикасно дејствување, добрата наплата и брзата продажба на ненаплатливите кредити. Банката континуирано активно презема мерки и активности за зајакнување на процесот на наплата на проблематичните пласмани, како и за продажба, во најкраток можен рок, на преземените средства заради наплата на побарувања. Илустрација за доброто управување со кредитниот ризик претставува показателот за учеството на нефункционалните во вкупните кредити на нефинансиски субјекти, кој кај Банката, на 30 јуни, изнесува 2,1 проценти. На годишно ниво, учеството на нефункционалните кредити е пониско за 0,8 процентни поени или 34 милиони денари.

 

НОВО ОДЛОЖУВАЊЕ НА КРЕДИТНИТЕ РАТИ ДО МАРТ

 

Веќе споменавте, уште кога почна кризата, Владата и Народната Банка носеа одлуки со кои на некаков начин требаше да се ублажи ударот од кризата. Една од тие е пролонгирањето на уплатата на кредитните рати за граѓаните и за фирмите во рок од шест месеци. Таа опција истекува сега, но НБРСМ дава можност секоја банка дополнително да одлучи за ново одложување на ратите. Како гледате на ова олеснување и дали ќе им пролонгирате на граѓаните повторно?

 

Арсовски: Олеснувањето е повеќе од неопходно. Кога почна мораториумот, имавме по дваесетина заболени од Ковид-19, а сега бројката е троцифрена. Постојните ризици и за глобалната и за домашната економија кои се однесуваат на можното пролонгирање на инфекцијата и на рестриктивните мерки, евентуалната појава на втор бран на инфекцијата како и повторното активирање на стратегиите за заштита на јавното здравје, како и на промените во однесувањето на економските субјекти во поглед на нивните потрошувачки и инвестициски одлуки ја наметнаа потребата од продолжување на мерката. Со цел да излезе пресрет на своите корисници – физички лица за полесно надминување на негативните последици, ТТК Банка повторно овозможи одложување на плаќањето на кредитните обврски за сите кредитни производи, за период од дополнителни 6 месеци, под истите услови, најдоцна до 31 март следната, односно 2021 година.

 

Под кои услови ќе може да се одложи наплатата на ратите?

 

Арсовски: Можноста за одложување на плаќањето се однесува на истиот сегмент на корисници како и за претходното одложување. Односно тие кои се финансиски погодени од пандемијата на COVID-19, кои имаат неопходна потреба од тоа и исполнуваат најмалку еден од следните критериуми: намалени месечни примања над 10 отсто во периодот на ковид-кризата споредено со месеците пред ковид-кризата, отсуство или нередовни месечни примања во периодот на ковид-кризата, престанок на работен однос во периодот на ковид-кризата или зголемени трошоци за лекување предизвикани од ковид-кризата. Можноста се однесува за ко-кредитобарателите и за поврзани лица со кредитокорисникот.

 

 

МЕСТО ПОД ЧАДОРОТ ЗА СИТЕ БАНКИ

 

Во меѓувреме во август годинава Народната Банка одлучи да ја одземе дозволата за работа на Еуростандард Банка. Затворањето банка не е мала работа – како Вие од Вашата позиција гледате на оваа одлука?

 

Арсовски: Од професионални, етички, формално-правни, колегијални и историски причини, за жал ќе го задржам правото да не дадам одговор на ова прашање.

 

Има ли опасност од влијание на оваа одлука за банкарскиот сектор? Ќе се поместуваат ли некои позиции на овој сегмент на финансискиот пазар? Очекувате ли во иднина можни спојувања, купопродажби?

 

Арсовски: Мислам не. Сметам дека се работи за изолиран случај во здравиот банкарски систем во нашата држава. Од стручна и научна гледна точка можам да кажам дека секој бизнис, па и банкарството како бизнис чиј предмет на работење се парите, подлежи на ризици во работењето. Но, чувствителноста на ризикот во бизнисот банкарство е многу поголема заради тоа што се работи за туѓи пари. Затоа, и општествената одговорност на овој бизнис е далеку поголема. Постојат многу класификации и карактеристики на многубројните банкарски ризици. Колку е банката е поголема и понудата на банкарските производи е побогата, и ризиците се побројни, поголеми и поразновидни. Обратно е кога се работи за помала банка и поедноставна понуда на банкарски производи и услуги. Од друга страна, пак, се разбира дека поголемите ризици носат и поголеми профити во работењето. На банкарскиот пазар, денес, за сите видови и големини на банки има место под чадорот. Големите банки реализираат големи проекти коишто ги следат големи ризици но, и големи профити. Обратното важи за малите банки чијашто стратегија треба да биде посветена на понуда на сосем друг вид банкарски производи и услуги. За мене релевантна е поделбата на големи и мали банки, но уште порелевантна е поделбата на успешни и неуспешни банки, а тоа многу зависи од квалитетот на менаџментот и од начинот на менаџирањето.

 

КРЕДИТИ ЗА ЛИКВИДНОСТ, ФИРМИТЕ ПОГОДЕНИ

 

Во услови на намалување на ликвидноста во стопанството, намален обем на работа, ниски инвестиции, намалени извозни активности – дел од домашниот реален сектор потклекна на кризата. Дел од поддршката освен од државата се очекува и од банките. Можете ли и дали се очекува да кредитирате фирми кои беа погодени? Каква улога би имале во процесот на евентуално заздравување?

 

Арсовски: Во оваа ситуација имаме можност да бидеме клучен фактор на поддршката на стопанството и во таа смисла преземаме сè што е потребно. Брзиот развој на ситуацијата предизвика за кратко време Банката да преземе многу активности и мерки.

 

И во вонредните кризни услови ТТК Банка продолжи со кредитирање на правните лица при остварување на нивните финансиски цели и потреби. Банката подготвено ја дава својата поддршка и преку прилагодено финансирање да овозможи ревитализација и одржување на здравите бизниси кои се соочуваат со тешкотии, како и поддршка за јакнење на инвестициите. Банката активно реализира брзи и ефикасни решенија за корисниците водејќи сметка за нивната финансиската стабилност. Евидентен е порастот на барањата за кредити за ликвидност и промена на постојните услови дополнително поттикнато и од атрактивните услови што ги нуди Банката. Краткорочното финансирање секако може да го премости недостатокот на средства, а промената на условите на кредитите за одржливите, но погодени бизниси, може да помогне во амортизирање на влијанието на кризата, на прилагодување на новиот амбиент на делување како и да придонесе во целосното опоравување. Банкарските производи и услуги се достапни со прилагодени и поволни услови во функција да придонесат за одржливост на бизнисите што придонесува за минимизирање на ефектите, размерите и долготрајноста на оваа криза.

 

Во време сме на исклучително ниски каматни стапки. Каква каматна политика треба да се очекува во иднина, може ли да поскапуваат кредитните производи?

 

Арсовски: Каматните стапки веќе некое време се одржуваат на историскиот минимум. Во услови на експанзивна монетарна политика, актуелните економски услови и умерено присутни ризици веројатно е дека одржувањето на трендот на ниските каматните стапки ќе продолжи. По олабавувањето на монетарнaта политика, намалувањето на основната каматна стапка на историски најниското ниво од 1,5 отсто  како и донесените регулаторни измени даваат резултати за обезбедување кредитна поддршка со исклучително флексибилни и поволни услови онаму каде се најпотребни, односно на најпогодените сектори во економијата.

 

ДИВИДЕНДА ВО ВРЕМЕ НА КРИЗА, АМА И КОРПОРАТИВНИ ОБВРЗНИЦИ

 

Една од препораките на Народната Банка уште минатата пролет беше банките да не ја распределуваат добивката како дивиденда. ТТК Банка сепак одлучи да има дивиденда за акционерите.Како гледате на препораката на НБРСМ и на што ја базирате оваа Ваша одлука?

 

Арсовски: Одлуката за распределба на дивидендата беше донесена во согласност со веќе донесената одлука на акционерите, капацитетите на Банката за долгорочно позитивно работење, одржување на стабилноста и солидната капитална основа. До донесувањето на Уредбата на Владата на РСМ, во сoгласност со препораките на Комисијата за хартии од вредност на РСМ за учество и гласање на Собранието по пат на кореспонденција, заклучно со 27 март, 67,6 отстоод акционерите на Банката веќе гласаа за предложените одлуки. Банката континуирано успешно ги реализира сите зацртани стратешки развојни и деловни активности во изминатиот период што резултира со одржување долгорочна стабилност и подготвеност за апсорпција на ризиците. Издадените две долгорочни корпоративни обврзници во износ од по 1,5 милиони евра или вкупно 3 милиони евра и континуираното издвојување на дел од добивката во резерви овозможуваат солидна капитална основа и гаранција за успешно соочување со очекуваните евентуални негативни движења и последици врз стопанството коишто ќе ги предизвика кризата на светската пандемија со вирусот Covid-19. Исплатата на дивидендата исто така значеше и подобрување на ликвидноста на 1.813 физички и 131 домашни правни лица, како и данокот кон Буџетот. Исто така, во услови на справување со опасноста од ширењето на пандемијата, а поддржувајќи ги препораките и мерките на Владата, ТТК Банка изврши предвремено плаќање на вкупните месечни аконтативни обврски за данок на добивка за 2020 година во износ од 10.460.780 денари. Со ваквата одлука, во рамките на своето потврдено општествено одговорно делување, ТТК Банка ликвидносно го помогна буџетот во насока на зголемување на капацитетот за непречено функционирање на виталните општествени процеси и поефикасна реализација на мерките и активностите за борбата против ширењето на вирусот и заштитата на здравјето на граѓаните.

 

Корпоративните обврзници ги издадовте минатата година и на почетокот на 2020 година, а беа во вкупна вредност од три милиони евра. Со овие должнички хартии од вредност се тргува на берза – каков е интересот и што значеше ова за Банката? ТТК Банка е една од малкуте компании кои направиле емисија на хартии од вредност.

 

Арсовски: Во изминатиот период ТТК Банка АД Скопје реализираше две успешни емисии на долгорочни должнички хартии од вредност – корпоративни обврзници. Со цел диверзификација и обезбедување долгорочни и стабилни извори на средства, зајакнување на капиталната сила и вкупниот финансиски капацитет, а во согласност со планираните бизнис цели, Банката понуди долгорочни производи со поволни каматни услови. Обврзниците од првата емисија се со номинална вредност од 1.000 евра, со рок на доспевање од пет години и три месеци, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,5 отсто  годишно. Обврзниците од втората емисија се со рок на доспевање од шест години и фиксна каматна стапка 2,7 отсто годишно. Во овој момент тие се единствените финансиски инструменти со гарантиран принос со коишто се тргува на секундарниот пазар. Приходите од вложувањето во обврзница се стабилни и предвидливи, што ги прави популарни за инвеститорите кои сакаат да остварат сигурни приходи. Истовремено, на овој начин, Банката го поттикнува развојот на домашниот пазар на капитал и секундарниот пазар на должнички хартии од вредност.

 

ИНСТАНТ КРЕДИТ И ДРУГИ ПОВОЛНОСТИ

 

Какви производи креиравте во овој период? Банките беа лидери во дигитализацијата, сепак во ова време имаше потреба и од дополнителни прилагодувања. Се менуваат ли навиките на граѓаните и како вие се прилагодувате?

 

Арсовски: Актуелната состојба значително го зголеми користењето на услугите во рамките на електронското и мобилното банкарство. Особено е изразено користењето на платежните картички за купување преку интернет, а позитивни се трендовите и кај користењето на картичките на физичките продажни места. За ваквите трендови придонесоа и преземените активности по започнувањето на корона-кризата, заради заштита на јавното здравје. Банката подготвено го дочека развојот на настаните. Во овие услови ТТК Банка делуваше со примарен фокус: безбедно и ефикасно да излезе пресрет на сите финансиски потреби на корисниците овозможувајќи континуирана и квалитетна банкарска услуга преку дигиталните канали со низа поволности за 24/7 бесплатно вршење на електронски плаќања. Банката веќе со години успешно ја афирмира платформата за електронско банкарство и го одржува позитивниот тренд на раст на бројот на корисници и бројот на реализирани налози. Покрај поволноста за бесплатно користење, Банката континуирано, во текот на кризата, овозможи и бесплатно плаќање кон сметки во други банки преку електронското и мобилното банкарство за физичките лица. Преку овој канал, корисниците на ТТК Банка имаат можност за моментален увид во состојбата на сметките, да вршат плаќања со поголема брзина и со пониски трошоци и да орочуваат средства без доаѓање во банка. Како резултат на големиот број функционалности, неговата едноставност, достапност и корисност, електронското банкарство на ТТК Банка е одлично прифатено од страна на корисниците. Продолжуваме да ја нудиме оваа услуга без фиксни трошоци и со најниски надоместоци како и досега. Услугата гарантира максимална заштита и безбедност преку користење дигитален сертификат кој во ТТК Банка се издава без надоместок. Следејќи ја потребата за брз и едноставен пристап до средства ние го нудиме иновативниот и технолошки напреден кредитен производ за корисниците на електронското банкарство - Инстант кредит. Производот е единствен на пазарот, со целосно автоматизиран процес на анализа и одобрување. Истите услуги и производи се достапни преку апликацијата за мобилното банкарство ТТК m-banking со единствен, модерен и препознатлив дизајн, којашто промовира подобрено и ново ниво на искуство за корисниците без временски и просторни ограничувања. Корисниците ја препознаваат предноста и практичноста и на електронските сервиси за информирање односно информирање преку СМС и е-пошта со кои овозможуваме брзо и сигурно информирање и контрола на состојбите на сметките заради поголема безбедност и заштита при реализацијата на трансакциите. Со вклучување на животното осигурување за корисниците на кредитните производи, во соработка со „Триглав Осигурување Живот“ во својата понуда од март оваа година, ТТК Банка АД Скопје станува прв избор на корисниците за кредитните производи коишто вклучуваат животно осигурување, а кои Банката ги нуди со атрактивни фиксни каматни стапки во првиот период од отплатата од 4,85 проценти  во првите 2 години за СМАРТ ненаменски потрошувачки кредит, 3,45 проценти  во првите 10 години за СУПЕР станбен кредит односно 4,70 проценти во првите 3 години за хипотекарен кредит. Кредитите со РИЗИКО кредитното животно осигурување се во понуда без надомест за одобрување во промотивен период до 30 септември оваа година, како и други поволности во редовната понуда на овие производи како што се фиксни каматни стапки на подолг рок, подолг рок на отплата, поголеми максимални износи на кредит, без трошоци за администрирање и без трошоци за предвремена отплата на кредитот. За инвеститорите во хартии од вредност ТТК Банка понуди нова услуга за давање електронски налози за тргување со хартии од вредност со што овозможивме едноставно, брзо и сигурно тргување и следење на берзанското тргување. Со цел да излезе пресрет на барањата на корисниците и да ја зголеми достапноста на своите услуги, ТТК Банка ја прошири мрежата на банкомати со нови мултифункциски банкомати со можност за уплата на готовина од физички и правни лица - уплата на сметка, уплата на картичка, уплата на депозит, уплата на кредит, достапна преку користење на VISA платежните картички со што им се дава можност на корисниците да користат поедноставен начин за уплати и исплати на готовина во кое било време. Следејќи ги пазарните трендови во правец на постојаната и сè поприсутна веб-технологија, поедноставени, брзи, 24-часа достапни услуги и потребите на корисниците, еден од главните приоритети на ТТК Банка АД Скопје останува постојаното вложување во новата технологија како и воведувањето нови функционалности и услуги.

 

Интервјуто е достапно тука.


 

Известување за четвртото издание на едукативниот настан „Денови на финансиската писменост“
Известување за времено затворање на експозитура Куманово 1
Известување за промена на локација на банкомат во Битола
ТТК Банка АД Скопје ја прошири деловната мрежа со нова експозитура во Кавадарци
Известување за исплата на паричните права од социјална и детска заштита од 4-ти ноември
ТТК Банка АД Скопје со нова експозитура во Скопје, Дебар Маало
ТТК Банка предупредува на лажно претставување со злоупотреба на името на Банката
Јавен повик за учество на XXXV седница на Собранието на акционери на ТТК Банка АД Скопје
Поволно штедење во ТТК Банка АД Скопје со промотивните депозити за физички лица - ПРОМО ФИКС во денари и во евра
Без трошоци за одобрување и администрирање за кредитите со РИЗИКО кредитно животно осигурување до 31.12.2020 година
Интервју со Претседателот на Управниот одбор на ТТК Банка д-р Драгољуб Арсовски за „Фактор“: Кризата се ширеше побрзо и од вирусот, ТТК Банка одговори силно на предизвиците
Известување за промена на работното време на филијалите и експозитурите од 1.6.2020 година

Copyright ТТК БАНКА АД Скопје Народен Фронт 19А 1000 Скопје тел/факс: 02/3236-400 e-mail: ttk@ttk.com.mk мапа на сајтот предупредување